Македонија
26. October 2023 - 19:45

Премиерот не се откажува од Спасовски, нема да биде разрешен по уличните мафијашки пресметки

Премиерот Ковачевски нема да бара разрешување на министерот за внатрешни работи по уличните пресметки на подземјето. За него Спасовски одлично си ја вршел работата и спречил бројни криминали. Опозицијата пак на седница за пратенички прашања бурно реагираше дека ниту Спасовски ниту неговиот заменик не се појавуваат во собранието да дадат одговори зошто нема разрешница на дури 20 убиства во последните 8 години.

Опозицијата побара одговорност и од министерката за одбрана по обвинувањата дека офицери изнудувале сексуални услуги од нивни колешки, а таа ги заштитувала. Иако пратеничкото прашање беше упатено кон премиерот , одговараше министерката, по што следуваа меѓусебни навреди и обвинувања дека се крши деловникот. Премиерот побара Ковачки да и се извини на Петровска.

За вицепремиерот Груби пратениците на опозицијата биле чипувани, откако тие побараа јасно да каже кој му дава право да делува како менаџер на „Бехтел и Енка“ повикувајќи ги граѓаните да се вработат во конзорциумот кој ќе ги гради коридорите.

На седницата реазервирана за прашања на пратениците, се бараат одговори и за немањето учебници, висината на пензиите, како и скандалите кои ја тресат Oнкологија.