Македонија
7. May 2026 - 21:00

Арсовски: Реконструкцијата треба да е робусна, а СДСМ треба да се плаши од избори

Ребрендирање е тоа што го очекуваат политичките аналитичари од претстојната реконструкција на владиниот кабинет на Мицкоски. Промените во Владата на половина мандат се очекувани со цел да се амортизира незадоволството што вообичаено се појавува кај гласачите, вели аналитичарот Арсовски.

Затоа тој очекува Мицкоски прво да направи темелни партиски промени, и тоа на најниско ниво во општинските комитети, а потоа да се занимава и со ресорите на ЗНАМ и Вреди, кои поминуваат низ внатрешни трансформации што можат да им донесат и помалку пратеници.

Според најавите, реконструкцијата треба да се очекува кон крајот на овој и почетокот на наредниот месец. Јасно е веќе дека министерот за социјала Лимани и министерот за добро владеење Фетаи нема да бидат дел од Владата. Првиот ги расипа односите со Касами и Беса, а вториот ја изгуби битката со Азир Алиу во Алијанса за Албанците.

По губењето на еден пратеник, нова распределба на ресори може да очекуваат и во ЗНАМ. Мицкоски не исклучува дури и влез на нова опозициска партија во Владата.

Откако премиерот вчера се дообјасни дека предвремени избори не се негов прв избор, и дека, доколку ги има, тие би биле најрано напролет 2027 година, од СДСМ денеска велат дека власта била во паника.

Но, аналитичарот Арсовски вели дека предвремените избори се всушност проблем за СДСМ, која не води долгорочна, туку дневна политика.