Преглед на вестите од светот
Катар објави дека се поблиску е да постигне договор Хамас да ослободи дел од израелските заложници, а Израел привремено да ја запре воената операцијата во појасот Газа.
Најмалку 30 предвремено родени бебиња се евакуирани од болницата Ал Шифа во градот Газа утрово и ќе бидат префрлени во болниците во Египет. СЗО соопшти дека се обидува да организира итна евакуација на преостанатите 290 пациенти и 25 здравствени работници во други објекти во Газа.
Претставници на СЗО ја опишаа болницата Ал Шифа како „зона на смртта“ по синоќешната посета на комплексот, велејки дека нема гориво, чиста вода и лекови.
Од мината недела изрелксата војска ја контролира болницата во која како што тврди има команден центар на Хамас, милитантите негираат. Израелските сили објавија дека извршиле рација во домовите на високи функционери на Хамас, во населбата Римал во градот Газа, и притоа откриле 35 влезови во тунели.
Палестинските власти објавија дека 13 лица се убиени во израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, и уште двајца во напад врз Кан Јунис. Информираа и за екплозија во училиште на ОН во Северна Газа, кое се користело како засолниште за раселените Палестинци, при што загинале најмалку 50 лица. Нема информации за тоа што ја предизвикало експлозијата или кој е одговорен.
Две лица го загубија животот во силното невреме што синоќа зафати големи делови од Бугарија. Полицијата соопшти дека еден маж загинал кога неговото комбе удрило во паднато дрво на главниот булевар во Софија, додека жена загинала во Варна кога била погодена од гранка што паднала од дрво.
Силните ветрови и обилните врнежи од дожд и снег предизвикаа големи штети и го прекинаа снабдувањето со електрична енергија во повеќе градови и села, соопштија властите.
Во северна Индија, спасувачите продолжуваат да го расчистуваат теренот за да стигнат до 40-мината работници кои од 12 ноември се затрупани по уривање на тунел во изградба.
Според спасувачите, ќе бидат потребни уште неколку дена за да стигнат до затрупаните луѓе. Работниците преку цевки се снабдуваат со храна, вода и кислород, а надлежните со нив се во контакт преку воки-токи.
Тунелот долг 4,5 километри се наоѓа во северната држава Утараханд и е дел од автопатот Чар Дам, еден од најамбициозните проекти на владата на индискиот премиер Нарендра Моди. Властите не кажаа што го предизвикало уривањето на тунелот.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
