Преглед на вестите од светот
Хамас ја отфрли понудата на Израел за седумдневен прекин на борбите во замена за ослободување на околу 40 заложници. На вчерашните разговори со египетските посредници во Каиро, шефот на политчкото биро на Хамас, Исмаил Ханије истакнал дека не треба да има преговори за размена се додека не заврши израелската агресија врз појасот Газа. Каиро соопшти дека ќе ги продолжи преговорите со Хамас. Секој кој мисли дека Израел наскоро ќе ја запре војната со Хамас е надвор од реалноста, порача израелскот премиер.
- Ја продолжуваме војната до крај. Ќе продолжи додека Хамас не биде елиминиран - до победа. Кој мисли дека ќе престанеме, е надвор од реалноста. Нема да ја прекинеме борбата додека не се постигнат сите цели што ги поставивме; елиминација на Хамас, ослободување на нашите заложници и отстранување на заканата од Газа. Го напаѓаме Хамас со пеколен оган. Секаде, вклучително и денес. Ги напаѓаме и нивните помошници од блиску и од далеку. Сите терористи на Хамас, од првиот до последниот, се мртви луѓе кои шетаат. Имаат само две опции: да се предадат или да умрат- Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израелската војска се пофали дека ги привршува борбите во северна Газа а напредок има и во области во јужниот дел на појасот. Над 20 000 луѓе се убиени во енклавата од почетокот на конфликтот на 7 октомври, објави Министерството за здравство под контрола на Хамас.
Српската опозициска коалиција Србија против насилството испрати писмо до институциите на ЕУ со барања -да не ги признаваат резултатите од изборите во Србија и да покренат меѓународна истрага под покровителство на ОБСЕ, Советот на Европа и Европската комисија за изборни нерегуларности , со посебен акцент на изборите за градското собрание на Белград. Доколку Европската Унија ја пропушти оваа можност да ја изрази својата поддршка за граѓаните на Србија кои бараат демократија и основни европски вредности во овој критичен момент, секоја перспектива за демократска и европска Србија како идна земја-членка на ЕУ ќе биде огромен удар“, се наведува во писмото.
Коалиција „Србија против насилство“ бара поништување на парламентарните, покраинските и локалните избори одржани на 17 декември поради наводни бројни нерегуларности и злоупотреби. Владејчката Српска Напредна партија на претседателот Александар Вучиќ победи на изборите на сите нивоа.
Албанскиот парламент со 75 гласови „за“, на денешната пленарна седница му го одзеде пратеничкиот мандат на опозцискиот лидер, Сали Бериша. Со ова одлука на законодавниот дом се отвора патот, Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција да одреди мерка затворски или домашен притвор.
Обвинителите го обвинија Бериша, поранешен претседател и премиер, во октомври дека го искористил неговото влијание додека бил премиер помеѓу 2005 и 2009 година за да го фаворизира сопругот на неговата ќерка во приватизацијата на земјиштето на поранешниот спортски комплекс „Партизани“ во Тирана. Бериша ги негира обвиненијата и тврди дека гласањето било нелегално и политички мотивирано.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
