Преглед на вестите од светот
По две години на функцијата и покрај убедливата изборна победа британскиот премиер Кир Стармер поднесе оставка. Пред Даунинг стрит 10 Стармер емотивно порача дека јасно го слушнал гласот на својата партија која бара нов лидер за следните избори.
Стармер ќе остане на премиерската функција до септември, кога Лабуристите треба да го изберат неговиот наследник. Како главен фаворит за иден премиер веќе се издвојува влијателниот лабурист Енди Барнам, кој веднаш се упати кон Лондон за да ја официјализира кандидатурата. Ова ќе биде седмиот британски лидер во последните десет години. Од Берлин, германската влада веднаш реагираше, соопштувајќи дека Стармер бил сигурен партнер и дека неговата оставка нема да ги попречи планираните европски дипломатски средби неделава.
Пакистанскиот премиер објави дека разговорите меѓу Иран и САД во Швајцарија завршиле со успешен напредок за продолжување на примирјето за уште 60 дена. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс потврди дека е постигнат сериозен пробив, нагласувајќи дека Техеран се согласил повторно да ги прими нуклеарните инспектори и да се воспостави механизам за одмрзнување на иранските средства. Клучно за глобалната економија е што Венс најави и договор за непречен премин на танкерите низ стратешкиот Ормуски Проток, каде што веќе се забележува раздвижување на бродовите долж брегот на Оман.
Но додека во Швајцарија се водат интезивни преговори меѓу САД и Иран за намалување на глобалните тензии, на теренот на Блискиот Исток мирот владее само на хартија. Најмалку едно лице загина а неколку се ранети по нов израелски воздушен напад во Газа.
Во Москва, рускиот претседател Владимир Путин ја одбележа 85 годишнината од почетокот на нацистичката инвазија врз Советскиот Сојуз во Втората светска војна. Придружуван од новиот министер за одбрана, Андреј Белоусов, Путин положи венец на Гробот на непознатиот војник кај Кремљ, оддавајќи почит со минута молчење.
Германскиот напад во 1941 година под кодното име „Операција Барбароса“ е запаметен како најголемата инвазија во човечката историја. Во контекст на денешните геополитички конфликти, рускиот претседател положи цвеќе и на спомен обележјата на таканаречените „градови-херои“ од советската ера, меѓу кои и украинските градови Киев и Одеса.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
