Преглед на вестите од светот
Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да ги преземе сите мерки за да спречи геноцидни акти во појасот Газа, но не нареди итен прекин на огнот. Ова е привремена одлука во случајот поднесен пред Највисокиот суд на ОН од страна на Јужноафриканската република во која Изарел се обвинува за геноцид. Пресудата за наводите на Јужна Африка за геноцид не се очекува со години, Израел силно го негира обвинението, нарекувајќи го „неосновано“.
Во меѓувреме, Хамас објави дека најмалку 20 Палестинци загинале, а 150 се повредени во израелски напад утрово додека чекале ред за храна во градот Газа. Израелската војска соопшти дека го истражува инцидентот, но повтори дека целта не била цивили. Светската здравствена организација предупреди дека над 570 000 Палесетинци гладуваат. Додека областите во близина на египетската граница добиваат ограничени резерви на увезена храна, луѓето во северниот дел и центарот на појасот, каде што борбите се најжестоки, молат за парче леб .
Американската сојузна држава Алабама го погуби осудениот убиец Кенет Јуџин Смит со азотен гас, што беше првпат во светот да се користи овој метод на извршување смртна казна. Самиот процес траел 22 минути. На 58 годишниот Смит му била ставена маска и преку неа вдишал чист азотен гас, предизвикувајќи недостиг на кислород. Смит е еден од двајцата мажи осудени за убиство на сопругата на свештеник во Алабама во 1989 година. Во последните зборови, осуденикот рекол дека неговата смрт ќе значи дека државата Алабама го направила човештвото „чекор наназад“.
Шефот на НАТО, Јенс Столтенебрг очекува Шведска наскоро да стане 32 членка на НАТО. Турција синоќа ја финализираше ратификацијата на членството на Шведска во НАТО, оставајќи ја Унгарија како единствена членка на западната воена алијанса која сè уште не ја одобрила шведската апликација. Столтенберг вели дека унгарскиот премиер му најавил дека унгарскиот парламент ќе даде зелено светло веднаш штом ќе се состане на крајот на февруари.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
