Македонија
8. August 2026 - 19:50

Пожарот во Сопиште ставен под контрола

Пожарот кај с. Чифлик, од задната страна на Водно ставен под контрола. Огнените јазици стигнаа и до првите објекти во селото, но брзата реакција на локалното население, скопските пожарникари и екипите на ДЗС спречија трагедија.

- Успеавме да обезбедиме брза реакција и како приоритет ги ставивме објектите кои беа во непосредна близина, успеавме во тоа. За наша среќа. Пожарот е делумно ставен под контрола во делот кадешто можеме да пристапиме од терен, вели градоначалникот на општина Сопиште Јане Мицевски.

Пред се се спречи ширење кон објектите, да се заштитат, а потоа се дејствуваше и во насока кон Парк шумата Водно бидејќи во близина се борови насади коишто се екстремно тешки за гасење при ваква температура и ветер, вели командирот на ТППЕ Скопје, Звонко Томески.

Откако од земја се направи обрач и противпожарните служби успеаја да го пренасочат пожароТ  на терен на кој не може да се пристапи пеш или со возило мораа да интевернираат ер-тракторите на ДЗС.

Скопските пожарникари денеска мораа да се поделат во интевенциите бидејќи речиси во исто време гореше и во Волково, на другата страна од градот.

- Беше опожарена сува трева и ѓубриште кое се прошири, за жал, на една станбена куќа. Напуштена до душа, но куќа кадешто беше опожарена. Голем дел од ресурсите ни беа насочени кон таа локација, но успеавме да се справиме со оваа ситуација паралелно. Така што, за наша среќа немаме посериозно оштетување на опремата и техниката, немаме повредени колеги, тоа е најбитното, вели Томески.

Со растот на температурите во топлотниот брат се зголеми и обемот на работа на противпожарните служби, па во просек дневно морааат да се справат со 15-тина пожари на отворен простор. Надлежните бараат поголема внимателност и совест зашто, поради топлотниот бран кој ја погоди Европа, и големиот број на пожари во Шпанија, Франција и Италија, можностите за барање помош преку Европскиот механизам за справување со пожари се драстично намалени.