Последно обраќање на Пендаровски во мандатот, порака до идната власт: Да се донесат уставни измени
Стабилни меѓуетнички односи и продолжување на европската интеграција. Ова се двете клучни пораки што шефот на државата Пендаровски ги испрати во годишното обраќање пред пратениците. Пендаровски со критики до Брисел за занемарувањето на интеграцијата на Западен Балкан, но и со пораки за идната власт во државата. Уставните измени мора да се донесат за да не се изгуби уште една деценија, а Бугарија и покрај лошите одлуки ни останува добар сосед, вели тој.
- Изјавата дека ќе биде геополитичка катастрофа ако Украина и Молдавија добијат приоритет во однос на Балканот не е моја, ниту на некој македонски политичар, туку на австрискиот министер за надворешни работи во која се содржани сите наши фрустрации и изневерена надеж...Во однос на уставните промени, идниот собраниски состав ќе мора да ја продолжи дебатата врз реални основи и со далеку почесен однос кон македонската јавност. Кристално јасно е дека Европската рамка не може да се промени на подобро, ниту билатералниот договор со Бугарија, независно кој е на власт во Брисел или во Софија... Длабоко сум убеден дека ниту еден од денешната генерација политичари никогаш нема да преговара за идентитетските прашања, затоа што нашите црвени линии не ги утврдивме ние, нив одамна ги имаат утврдено оние кои ја формираа оваа држава во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ.
Претседателот бара и реформи во правосудството со цел искоренување на корупцијата.
- За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. …
Тука, сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати: веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но, прво, кај нас ‒ политичарите. И за секој, за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка.
Иако во последното свое обраќање во мандатот Пендаровски направи ретроспектива на дел од своите одлуки како претседател, сепак не откри дали ќе влезе во претседателската трка до година. Вели совеста за овој мандат му е мирна.
- Дали при носењето на некои одлуки сум можел да постапам поинаку – сигурно! Дали сум бил безгрешен – апсолутно не. Меѓутоа, никогаш не сум имал лоша намера кон никого, никогаш во мојот мандат не сум учествувал во валкани кампањи против политичките опоненти, иако од нив не бев поштеден, ниту јас, ниту моето семејство, никогаш не договарав тендери и провизии, не вработував роднини и пријатели и никогаш за себе или за најблиските немам побарано посебен третман. Како за сите, така и за мене.
По последните две свирепи убиства на малолетната Вања и Панче од Велес Претседателот бара државата системски и навремено да ги маргинализира, како што вели, оние кои пропагираат антицивилизациски вредности. Побара и посилни демографски политики со реформи во пензискиот, здравствениот и образованиот систем.
Пендаровски се обраќаше во полупразна сала, пред народни избраници од разни политички опции и со малубројни гости.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
