Полиграфско тестирање на граничните службеници за поефикасна борба со корупција
Полиграф на граничните премини за поефикасна борба со корупцијата и побезбедна држава. Националниот координативен центар за гранично управување стартува низа јавни дебати за воведување на овој модел преку законски измени.
Со полиграф ќе се утврдува интегритетот на граничните службеници, оние кои нема да го поминат ќе бидат отстранети од работното место а случајот предаден на јавните обвинители, иако според македонското законодавство разултати од полиграфско тестирање не може да се користат како докази во судска постапка.
Досегашната пракса на долги судски процеси кои завршуваат со условни казни, а осудените повторно се враќаат на истата работна позиција, не може да даде резултати. Корупцијата која извира од граничните премини покрај безбедносни носи и економски ризици за државата.
Корумпиран службеник на граничната линија овозможува натамошно надградување на сивата економија, се до крајниот потрошувач, со што се нанесуваат енормни штети на буџетот на државата. Впрочем, сивата економија учествува во нашиот годишен БДП по укажувањето на Светска банка со 36%, а најголемиот дел од сивата економија започнува токму од влезот на стоките во државата на нашите ГП, вели Владимир Пивоваров
Во јавните дебати кои ќе стартуваат следната недела вклучени ќе бидат сите засегнати, но и надлежни институции, експерти, амбасадори, меѓународни и граѓански институции, но и сите политички партии.
Како модели ќе се разгледуваат и позитивни примери од повеќе држави кои на ваков начин ја намалиле корупцијата и ги зголемиле приходите во буџетот.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
