Македонија
18. August 2023 - 20:03

Почна и заврши расправата за Уставот- Власта се преброја на 70 пратеници

За три часа заврши собраниската дебата од првата фаза на уставните измени. Власта до овој момент не обезбеди 80 пратеници, па собранискиот спикер Џафери по последниот говорник ја прекина седницата и го одложи гласањето од кое зависи дали уставните измени со кои Бугарите се внесуваат во највисокиот законодавен акт ќе продолжат.

За опозицијата ваквата процедура не е прифатлива, тие бараа веднаш да се гласа имајќи предвид дека во салата имаше над 100 народни избраници.

И без гласање соодносот на силите во овој момент е познат, имајќи предвид дека парламентот се преброи за дневниот ред. Поддршка дадоа 70 пратеници и тоа од коалицијата СДСМ, ДУИ и Алијанса на Албанците поддржани од албанската опозиција. Против беа 47 пратеници и тоа сите од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, потоа двајцата пратеници на Левица и Павле Трајанов.

На седницата денеска не дојде пратеникот на СДСМ Диме Велковски кој не гласаше ни за францускиот предлог. Доколку остане на ставот да не гласа за уставните измени, од власта коментираат дека тој би поднел оставка во оваа меѓуфаза и би се заменил со нов пратеник од редот на СДСМ.

Инаку седницата помина во мирна атмосфера, со само 8 говорници. Уставните измени ги образложи премиерот Ковачевски.

Истите аргументите се слушнаа и од коалициската ДУИ.

Од македонската опозиција пак, единствено говореше професорката Силјановска Давкова, измените ги нарече уставна катастрофа.

Албанската опозиција иако ги поддржува уставните измени во име на европеизација инсистира и на своите барања за албанскиот јазик. Независниот пратеник Скендер Реџепи пак, се закани дека ако нема уставни не е исклучено некои општини да тргнат по свој пат.

Во Уставот и Деловникот нема рок до кога може да се чека чинот на гласање. Македонскиот устав досега беше сменет 8 пати со 36 амандмани. Последната измена беше промената на името.