Македонија
25. August 2023 - 12:19

Пивофест во Прилеп од 1 до 3 септември

И покрај одложувањето од стандардниот датум веднаш после Петровденските пости и неизвесноста до последен момент дали воопшто ќе се одржи Пивофест во Прилеп, сепак овој прилепски бренд ќе се случи од 1 до 3 септември. Но оваа година ќе биде намален од 4 на 3 дена и ќе се вика „Prilep Beer Weekend“. Организатори се „Event Group“ од Скопје со поддршка на Општина Прилеп и бизнис секторот. Фестивалот го задржува стариот концепт, штандовите ќе бидат попставени како и досега на булеварот „Гоце Делчев“, а бината на плоштадот Александрија. Акцентот ќе бил ставен на македонските музички имиња, за кои се уште не се знае кои се, а како главни ѕвезди се претставени Аца Лукас, Тропико бенд, Hurricane и Тијана ЕМ.

„Ние имаме желба и се надеваме дека ќе успееме да се надоврземе на таа традиција и дека ќе го издигнеме Фестивалот на едно поинакво ниво. Иако времето е многу кратко и буџетите се многу скромни ќе дадеме се од себе за да направиме коректен Фестивал за да си отвориме врата во наредните години да го смениме и концептот и ликот и целокупно целиот Фестивал онака како што ние сме размислиле. Ако е ОК и ако прифатливо и оценето тоа позитивно од граѓаните ќе продолжи, ако не тоа е тоа“, вели Дарко Крстески од „Event Group“

Локалната самоуправа ќе ја поддржи оваа мнаифестација со 1 милион денари. Ветуваат дека хигиената, водоснабдувањето и безбедноста ќе бидела на највисоко ниво, а за тоа ќе се погрижат јавните претпријатија од градот.

„Ќе биде организиран овој Фестивал се со цел да заеднички помогнеме и да допринесеме за локалниот економски разво. Ова ќе привлечи  огромен број на посетители, огромен број на гости, каде што и чаршијата ќе ги види бенефитите од оваа манифестација. Градот е подготвен да прими и голем број возила. Активирани се сите паркинг зони, а обезбедивме и вонредни паркинг зони се со цел посетителите брзо се снајдат и дојдат до штандовите“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Официјалната програма кој се ќе настапи како и други детали се очекува да се објават деновиве.