Македонија
2. May 2026 - 16:49

Гориво со попуст за граѓаните се извезувало во странство?!

Дали гориво со попуст за македонските граѓани завршувало во странство? Ова е главното прашање на кое одговор бараат Пазарниот инспекторат и Царината. Се спроведува обемна акција за проверка на работењето на големите трговци со нафта и нафтени деривати во земјава.

Под лупа на инспекторите се компании кои поседуваат лиценци за трговија на големо, увоз и извоз преку складишта, велат од Пазарна за Сител. 

Истрагата треба точно да го утврди патот на горивото кое се набавува со повластени цени. Се проверува дали одредени трговци го извезувале надвор од државата горивото купено со попуст од „Окта“ –  наменет исклучиво за заштита на стандардот на граѓаните, а не за меѓународна трговија.

Од Инспекторатот велат дека нивните екипи се веќе на терен и ја чешлаат целокупната документација. Се проверува секоја влезна и излезна фактура за да се види каде завршиле дериватите.

Проверките траат и во текот на наредните денови ќе се спроведат и вонредни инспекциски надзори кај сите големи трговци. 

Иако веќе постојат индиции за неправилности, од ДПИ ни рекоа дека е рано да се кажат прецизни бројки за периодот или количината на горивото. Повеќе детали најавија кон средината на идната недела. 

Ако се утврди дека некоја компанија правела вакви злоупотреби, може да и биде одземена лиценцата.

Инаку попустот од најголемиот добавувач од 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот е продолжен до 18 мај. Освен ова, ДДВ-то на бензините останува на 10%, а акцизата е намалена за 2 денари. Кај дизелот, пак акцизата е пониска за 4 денари.

Нови цени на горивата Регулаторната комисија ќе донесе задутре, а премиерот Мицкоски вчера рече дека очекува ново поевтинување.

Вкупно со се сите мерки, во моментов, 95-ката се точи за 80,5 денари, 98-октанскиот за 82,5 денари, а дизелот се продава за 88,5 денари по литар.