Македонија
2. May 2026 - 16:47

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања кој ја блокира ЕУ агендата

Мицкоски подготвува алиби за сопствениот неуспех во ЕУ агендата во јуни, со тоа што ја обвинува СДСМ дека го блокира Изборниот законик, тврдат денеска од опозициската партија. Оттаму велат дека власта има доволно мнозинство во парламентот сама да ги донесе потребните законски измени што ги бара Брисел.

Реакцијата доаѓа откако вчера премиерот објави дека до јуни ќе се исполни најголем дел од реформската агенда, но не и Изборниот законик, поради тоа што СДСМ повеќе не учествува во работната група во Министерството за правда.

„Вистината е едноставна: ВМРО-ОКГ има апсолутно мнозинство во Собранието и може самостојно да донесува закони. Сега вели „консензус“. Требаше консензус за техничката влада па на сила и шверцерски ја изгласа без никаков консензус. Како што без консензус и без поддршка од СДСМ ја укинаа техничката влада, така можат да го донесат и Изборниот законик. Не им треба СДСМ за закони – им треба изговор за сопствениот неуспех. Мицкоски пред граѓаните помпезно ветуваше дека „наскоро од Брисел ќе стигне вест дека сме рамо до рамо со Црна Гора“. Уште пред да дојде јуни, од вчера веќе подготвува алиби зошто тоа нема да се случи. Затоа што нема да ги исполни обврските“, изјави Наташа Поповиќ, член на ИО на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, возвраќаат дека со лаги за реформската агенда се служи токму опозицијата.

„СДС се претставуваат како проевропска опција, а се што ќе кажат постојано е демантирано од европски институции или од европратеници. Проевропска опција е етикета која СДС и Венко Филипче сами си ја налепуваат само за да даваат лажни оправдувања за сите национални предавства кои ги направија додека беа на власт. Ваков е проевропски СДС. Се служи со лаги, манипулации и спинување на изјави на европратеници и ги омаловажува националните херои“, изјави Валентин Манасиевски  

Опозициската СДСМ во средата не се појави на состанокот во Министерството за правда за Изборниот законик. Од СДСМ објавија дека излегуваат оттаму поради укинувањето на техничката влада. Од друга страна, од Министерството велат дека нема допис од СДСМ за напуштање на групата и дека таа продолжува со работа. Следниот состанок е закажан за 11 мај.

Иако формално Изборниот законик се носи со обично мнозинство, сепак постои политички договор тој да се донесува со консензус меѓу парламентарните партии. Дополнително, според собранискиот Деловник, тој е еден од петте закони за кои не важи забраната за филибастеринг и може да биде блокиран со амандмани и бесконечна дебата.

Мицкоски вчера објави дека од 10 обврски Владата се подготвува да заврши 8. Притоа, обврската за целосна либерализација на струјата свесно нема да биде исполнета, а другата – за нов Изборен законик – не може да биде завршена поради СДСМ. Сепак, смета дека тоа ќе биде доволно Македонија, заедно со Црна Гора, да избие на првото место во оценките на ЕУ за напредокот на државите кандидатки за членство.