Македонија
2. August 2023 - 16:42

Пендаровски и Вучиќ одбележаа 79 години од АСНОМ во манастирот Св. Прохор Пчински

79 години од првото заседание на АСНОМ и 120 години од Илинденското востание. Претседателот на државата Стево Пендаровски на овој Илинден фокусот го стави на младите и иселувањето.

Говорот го почна и го заврши токму со младите. Рече дека Гоце Делчев со право бил против избрзано востание што ќе доведе до големо крвопролевање. Рече дека не се залагал само за слобода на македонската земја, туку и за слобода и на македонскиот народ, бидејќи не сакал земја без народ. 

Според Пендаровски, ако поради преурането востание, младата илинденска генерација беше безмалку десеткувана, денес, поради задоцнети европски реформи постои опасност нашата млада генерација да биде раселена.

Од независноста наваму, наместо активни партнери во трансформација на општеството, младите се маргинализирани и сведени на пасивни приматели на политиките. Младинската енергија е често злоупотребувана за тесно партиски цели и интереси. Не случајно, секој втор млад човек не верува дека неговиот или нејзиниот глас на избори ќе донесе вистинска промена. Сè помалку млади луѓе веруваат дека со личен труд можат кариерно да напредуваат и да придонесуваат за општото добро и јавниот интерес, затоа што партиската книшка, роднинските врски или етничката припадност се често поважни од знаењето и квалитетот.

Според претседателот Пендаровски, затоа ни се потребни европско реформи. Рече дека Најбрз и најсигурен начин за суштински реформи, без бирократски импровизации и партиски и бизнис-махинации се преговорите за членство во Европската Унија. 

Интеграцијата ќе ни помогне да изградиме функционална правна држава со независен и ефикасен судски систем како предуслов за економски раст и одржлив развој. Преговорите ќе ни помогнат да ја направиме корупцијата помалку општествено прифатлива, а културата на неказнивост да ја замениме со култура на одговорност и личен, морален интегритет. При тоа, треба да ни е јасно дека добра алтернатива за европските реформи – не постои! Надворешните пречки не смеат да бидат алиби за забавување на реформите. Напротив, мора да го мобилизираме секој сегмент од општеството во искоренување на корупцијата, непотизмот и криминалот.

Од Пелинце кадешто беше централната манифестација, Пендаровски дојде тука, во манастирот Прохор Пчински каде беше пречекан од неговиот српски колега, Александа Вучиќ. По кратка прошетка следеше билатерална средба на која двајцата претседатели ги потврдија братските односи меѓу двете земји. Пендаровски се заблагодари за приемот.

Честитајќи го Илинден на македонски јазик, Вучиќ рече дека по одлуката на Српската православна Црква веќе нема отворени прашања меѓу Скопје и Белград.

Првото заседание на Антифашистичкото Собрание за народно ослободување на Македонија се одржа токму тука во манастирот Прохор Пчински кој во тоа време бил на територија на Македонија. Со првото Собрание заседавал Панко Брашнаров, а речиси половина од делегатите биле помлади од 30 години.