Македонија
29. September 2026 - 20:54

Останките на Цар Самуил од Солун во Софија, историски чин или политичка порака?

Бугарија викендов ќе ги добие посмртните останки на Цар Самоил кои досега се чуваа во Солун. По шест децении од откривањето на базиликата на островот „Свети Ахил“, во Малото Преспанско езеро, денеска, бугарскиот премиер Радев, најави дека во сабота Грција ќе и ги предаде посмртните останки да бидат пренесени во Софија.

„По интензивни преговори Бугарија и Грција постигнаа историска спогодба за враќање на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил во неговата татковина. Веќе шест децении не престанаа напорите на бугарската држава да ги врати посмртните останки на еден од нејзините најголеми владетели“, изјави Румен Радев, Премиер на Бугарија.

Постапката, според дел од историчарите, нема научно, туку исклучиво политичко значење. Стојко Стојков смета дека не се работи за враќање на останки кои некогаш и припаѓале на Софија, туку како што вели, размена во која Бугарија добива материјал за пропагадна.

„Правно, тоа се остатоци на човек  кои што уште не сме 100 проценти сигурни дека се на Цар Самоил, но можеби е. Се врши размена каде што Бугарија враќа дел од украдените работи на Грција, а во замена добива нешто коешто за Бугарија има вредност чисто пропагандистичка. Да може да го користи за да ја поддржува својата теза дека Македонија е бугарска, тоа е вистинската позадина“, вели Стојко Стојков.

Предавањето на посмртните останки, Радев го стави во контекст на европските вредности. Земјите членки на Унијата си помагале во меѓусебното разбирање и надминување на историските разлики.

„Затоа што денес споменот за Самуил ги обединува, а не ги разделува двете држави. А нашето заедниот членство во Европската унија помага секоја од земјите подобро да ја разбере чувствителноста на другата“, вели Радев.

За историската јавност пак договорот меѓу Софија и Атина има и политички интереси за негирање на македонскиот идентитет, историја и малцинства.

„Сериозна држава не треба така да се однесува, во една друга многу полоша смисла е многу сериозно, затоа што тоа е сосед од којшто не можете да избегате, и тоа е сосед којшто може да ве блокира на патот за Европската Унија и може да ви создаде секакви други проблеми. Така што проблемот е многу длабок и сериозен и јас се радувам дека најпосле во Македонија има влада којашто обрнува внимание на тоа, но треба уште многу повеќе да се обрати внимание на овој проблем, тој е суштински за Македонија“, вели Стојков.

Во пишана изјава за Сител, историчарот Митко Панов кој што е член на мешовитата историска комисија со Бугарија вели дека пренесувањето на останките на Цар Самоил, треба јасно да се разграничи како современ политички чин, а не да се користи како аргумент за толкување на историскиот карактер на Самуиловата држава.

“Политичкото и црковното средиште на Самуловата држава било во Охрид и Преспа, а таа се формирала и развивала независно од ликвидираната бугарска држава и цкрва во 971 година“, вели Панов.