Македонија
29. September 2026 - 20:54

Болестите на срцето водечка причина за смртност во Македонија

Секој трет смртен случај лани е поврзан со болести на срцето. Зад оваа бројка се  над 6800 изгубени човечки животи во 2025 поради кардиоваскуларни заболувања а ваквата  статистика која трае со години ја сместува Македонија во црвеннота зона на висока смртност.

Фокусот на здравствените власти е превенцијата- но колку сме свесни на бенефитот од редовно мерење на крвниот притисок и гликемија во крвта?

-Дали мерите крвен притисок? Не, нема потреба, се трудам да спортувам, да водам нормален живот и тоа е тоа..си пијам терапија, не мерам, не сум опседната со тоа. Да мерам наутро и исто така гликемија во крвта, велат граѓани.

На светскиот ден на срцето, здравствените власти велат дека треба многу почесто да се зборува за превенцијата пред да дојде состојбата за лекување. 

-Ние автомобилите ги носиме секоја година на регистрација и техничка проверка и плаќаме преку 10 до 15 000 денари за тоа анекако ни е тешко да појдеме нашата техничка контрола да ја направиме. Значи мора да си ги вреднуваме животите повеќе зашто ако самите не ги вреднуваме не можеме да очекуваме друг да ги вреднува, вели Сашо Клековски, министер за здравство.

-Да пратиме порака да се избегнуваат ризиците кои можат да допринесат до тоа а тоа е високиот крвен притисок, високиот шеќер, зголемување на телесната тежина, изјави Марија Андоновска, директор на ИЈЗ.

Министерот за здравство вели дека ќе проверат како законски ќе може систематските прегледи да не бидат само формалност туку во нив да бидат додадени и други евтини пристапни процедури кои можат да помогнат во рано откривање на одредени состојби.

Во план е и реализација на проектот во аптеки да се мери крвен притисок и гликемија, како на пример во Жеровница каде нема лекар.

И додека се работи на подигнување на свесноста за превенција од срцеви заболувања, до обвинителството се уште не е доставен извештајот за непотребните кардиохируршки интервенции за кој беа ангажирани и домашни и странски експерти.