Македонија
17. March 2023 - 16:35

Огнените со петиција против Груби

Огнената група нема да се откаже од реформите во ДУИ кои треба да донесат поголема демократија во партијата. Предводникот на Огнените на митинг во Тетово отвори петиција со која бара Груби да биде сменет од позицијата. Рече дека тоа е само почеток на активностите за рушење на кадрите на Ахмети

Огнената група побара и ТВ соочување со раководството на ДУИ, но во Мала Речица не се расположени да ги вкрстат аргументите пред камери. Наместо тоа, партиското раководство се шета по митинзи и се труди да го гаси огнот секаде каде што Меџити ќе го распали. Во таа насока интегративците ги преплавија социјалните мрежи со пораката Тој доаѓа. Иако не откриваат за што точно станува збор, во јавноста веќе се шпекулира дека со новата кампања  Ахмети сака да истакне дека успеал да се договори 3 месеци државата да ја води премиер Албанец.

Засилувањето на националистичката реторика од страна на ДУИ вчера Премиерот ја оцени како нормална работа кога една партија се соочува со внатрешни проблеми.
Опозицијата пак смета дека актуелниот премиер Ковачевски е само чувар на Фотелјата на ДУИ и уште еднаш го повторува барањето за предвремени избори.