Одржана 15-та средба на Русалии, единтвените играорци чувари на традицијата на бежанците од Егејскиот дел на Македонија
Преку 150 играорци од различни краеви на државата, но и од соседството, беа дел од 15-тото издание на Меѓународната средба на Русалии која се одржа во селото Секирник, општина Босилово. Главната цел на оваа традиционална манифестација е да се зачува изворната игра на Македонците бегалци од Кукуш и Кукушко.
За организаторите, овој фестивал е доказ дека фолклорот е живо наследство кое најдобро се пренесува преку директен контакт со народот. Сепак, за негово соодветно одржување е неопходна поголема институционална поддршка. Иако поддршка во моментов постои, таа не е доволна за реалните потреби на чуварите на оваа вековна традиција.
Она што за нив во моментов е од особена важност е апликацијата за заштита под закрила на УНЕСКО како нематеријално културно наследство.
Дека ваквите фестивали се од исклучително значење се согласува и градоначалникот на Општина Босилово. Според него, историјата досега покажала дека токму македонскиот фолклор е најголемиот и најсилниот заштитник на македонскиот народ и неговиот идентитет низ вековите.
Русалиството е древен обичај кој во селото Секирник се пренесува од колено на колено повеќе од 100 години, а традиционално се организира секоја година во чест на големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
