Македонија
10. September 2026 - 16:43

Одбраната на Васе Анакиев тврди дека тој не барал поткуп, обвинителството тврди дека поседува цврсти докази

Екс директорот на инспекторатот за земјоделство Анакиев ниту побарал пари ниту имал контакт со нив а тоа денеска се потврдило и од сведочењето на оштетениот, тврди неговата одбрана. На рочиштето на кое се сослушуваше сведокот кој го пријавил случајот за барање поткуп во својот исказ не потврдил такво нешто напротив се докажало дека тој поткуп бил баран од трето лице - шпедитер.

Адвокатот вели симптоматично е тоа што од моментот кога е наводно побаран овој поткуп од директорот е ставена забрана за увоз на ваков тип ѓубриво во рефусна состојба на граничните премини и таа одлука е на сила и денеска. 

На второто рочиште беа спротивставени аргументите од двете страни, најпрвин сведочеше оштетениот бизнисмен кој тврди дека му биле правени притисоци и инспекциски контроли по што расправата продолжи со вкрстени прашања од адвокатот на одбраната.

Обвинителството останува на ставот дека располага со цврсти и непобитни докази, како и со телефонски разговори кои директно го поткрепуваат обвинението за кривичното дело примање поткуп.

Според обвинението, Васе Анакиев во својство на директор на Државниот инспекторат за земјоделство, се сомничи дека во март годинава сторил кривично дело примање поткуп. Според истрагата бил баран поткуп од 100 000 евра а при приведувањето биле пронајдени 50 000 евра кои претставувале прва рата од договорената сума.

Анакиев беше приведен во гаража во комплексот Џевахир, каде што живее поранешниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, а при претрес на возилото полицијата ги пронашла парите под совозачкото седиште.