Македонија
18. August 2023 - 16:46

Одбележани 31 година македонска Армија

31 година од формирањето на Армијата. Централната прослава се одржа на Стадионот на АРМ. Претседателот на државата и врховен командант на воените сили, Пендаровски одликуваше 60 припадници на АРМ со медал за храброст за помагање во катастрофалниот земјотрес кој годинава ја погоди Турција. Министерката Славјанка Петровска во име на Министерството за одбрана унапреди 13 припадници во чин „полковник“.

Пендаровски вели дека Армијата во континуитет има највисока доверба кај граѓаните, што според него, е резултат на многу труд и работа во интерес на државата и граѓаните. 

Рече дека мора да се инвестира во одбраната на државата.

- Нашата цел е да имаме Армија која ќе биде не само структурно подобрена туку и модернизирана со современи воени средства и опрема за одбрана на татковината. За да го заокружиме овој важен потфат неопходно е да ги реализираме плановите што предвидуваат вложување од 955 милиони евра за следните 10 години, за модернизација и опремување и да не отстапиме од зацртаната цел, да издвојуваме најмалку 2% од БДП за одбраната. Инвестирањето во одбраната е наша реална потреба, не само заради зголемените безбедносни ризици, туку и за справување со последиците од зачестените елементарни непогоди и катастрофи, рече Пендаровски.

Министерката за одбрана вели дека членството во НАТО е најголемо признание за 200-те борци кои го формираа баталјонот „Мирче Ацев“ на 18 август 1943 година на Славеј Планина. Таа најголем дел од својот говор го посвети токму на припадниците на Армијата.

- Секогаш кога зборувам за вас зборувам со гордост и почит, за се што сте направиле и за се што правите за нашата држава, за секој граѓанин на Македонија и за секој граѓанин на светот. И тоа го правите храбро и одлучно, без двоумење и без калкулации за вашите животи и вашите позиции. На овој ден вашата храброст и одлучност да се прелее кај сите нас кои имаме потреба и носиме одлуки, и треба да носиме одлуки во име на граѓаните, а за доброто на државата. Затоа што вистинските патриоти како вас државата ја сакаат со дела, а не со зборови, рече Петровска. 

АРМ беше формирана во 1992 година откако неколку месеци претходно ЈНА се повлече од Македонија. 

Македонските војници учествуваа во воениот конфликт во 2001 година, многу мисии надвор од државата, но и помагаа во справување со природни катастрофи, како поплавите во Стајковци и големите шумски пожари кои во последните години се случуваат речиси секое лето.