Македонија
28. September 2026 - 17:11

Од Скопје до Оземпик: Научната приказна за истражувачката Светлана Мојсов

Од научната лабораторија до лековите кои денес го менуваат пристапот кон дијабетесот и дебелината – приказната за GLP-1, односно глукагон-сличниот пептид-1, има и македонска трага.

Реномираната научничка и истражувачка Светлана Мојсов има клучен придонес во откривањето на биолошки активната форма на GLP-1 и во докажувањето дека овој хормон го стимулира лачењето на инсулин. Токму овие истражувања подоцна ќе станат дел од научната основа за развојот на цела класа терапии за дијабетес и дебелина, меѓу кои и семаглутидот – активната состојка во Оземпик и Вегови.

За придонесот во откривањето и развојот на GLP-1-базираните терапии, Мојсов во 2024 година, заедно со Џоел Хабенер и Лоте Бјере Кнудсен, ја доби престижната Ласкерова награда.

Во јавноста често е нарекувана „мајката на Оземпик“. Во МАНУ, таа ја раскажа научната приказна која стои зад ова откритие. Предавањето беше насловено „GLP-1: Хемијата е од суштинско значење – од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина“.

„Научните достигнувања во 1960-тите и 1970-тите години доведоа до откривање на голем број нови пептидни хормони, меѓу кои и GLP-1. Развојот на радиоимуноесејот за инсулин од страна на Rosalyn Yalow, а потоа и развојот на радиоимуноесејот за глукагон, им овозможија на научниците да одговорат на едно ново прашање во тоа време: Како пептидите го регулираат метаболизмот на глукозата? Една особено активна област на истражување била откривањето на инкретините“, изјави Мојсов.

Светлана Мојсов е родена во Скопје во 1947 година. Докторирала на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, а научната кариера ја продолжила во Општата болница во Масачусетс, каде што била назначена за директорка на синтеза на пептиди. Токму таму ги започнува истражувањата по кои денес е меѓународно позната и призната.

Во саботата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја одликуваше Мојсов со Орден „8 Септември“ за нејзиниот особен придонес во светската наука и афирмацијата на Македонија.