Loading Video...
Македонија
28. September 2026 - 17:12

Дизелот поевтинува за 4 и пол денари откако Владата ја продолжи одлуката за намалено ДДВ

Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, бензините одат нагоре за 1 денар. Еуросупер БС-95 ќе се продава по 100 денари за литар, а 98-октанскиот по 102 денари. Дизелот бележи значително намалување од 4 и пол денари и ќе се точи по 100 денари.
 
Намалувањето на цената на дизелот се должи на владината одлука со која и во следните две недели ДДВ-то на ова гориво ќе има намалена стапка од 18 на 10%. 

„Со одлуката се обезбедува продолжување на мерката со која се овозможува намалена даночна стапка, со цел да се обезбеди стабилност и заштита на животниот стандард на граѓаните. Владата продолжува внимателно да ги следи состојбите и движењата на цените, со цел навремено преземање соодветни мерки во интерес на граѓаните и економијата“, велат од Владата.

Од Регулаторната комисија, пак објаснуваат дека „референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа во просек: кај бензините за 0,049%, a кај дизелот има намалување за 6,7%. Курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,9%“, соопшти Регулаторна. 

Освен намаленото ДДВ кај дизелот, во сила е намалената акциза за 4 денари и на дизелот и на бензините. 

Сител пресмета колку ќе ве чини просечен полн резервоар од 50 литри по новите цени. Ако возите на бензин ќе платите 50 денари повеќе. Ако возилото ви е на дизел, тогаш полнење до врв ќе ве чини 5 илјади денари, односно 225 денари помалку. 

Во меѓувреме, суровата нафта на светските берзи порасна за околу 4%. Барел од типот Брент денеска се тргува по над 108 долари. Растот доаѓа откако Трамп го одби предлогот на Иран за отворање на Ормутскиот теснец и најави нови напади, а Техеран одговори дека е подготвен за за војна на „судниот ден“.

Инаку, за три недели истекува и кризната состојба за нафта и нафтени деривати. Евентуалното продолжување би било трето по ред.