Македонија
19. јуни 2026 - 16:32

Обвинителството бара притвор за осуммина за проневерата на милиони во ФФМ

Милионски криминал го тресе македонскиот фудбал. Обвинителството бара притвор за осуммина осомничени во големата афера за проневера на пари во ФФМ. За четворица се бараат мерки на претпазливост, додека по петмина полицијата се уште трага. 

Шемата била едноставна, но тешка речиси три милиони евра. Парите се испумпувале од Федерацијата преку фиктивни услуги кои никогаш не биле извршени.

На чело на оваа операција, како првоосомничени, се поранешните претседатели на ФФМ, Илчо Ѓоргиевски и Мухамед Сејдини. Во периодот од четири години, тие потпишале над 700 налози за исплата,  без никаква контрола и без валидни документи. Клучна алка во синџирот била тогашната шефица за финансии, Олгица Младеновска. Таа ги подготвувала налозите, а потоа ги бришела и ги лажирала сметководствените книги за да скрие каде завршувале парите.

Истражната постапка денеска е отворена за 18 лица, најголемиот дел од нив биле управители на осумте осомничени фирми. Покрај проневера во службата осомничени се и за перење пари. 

За време на претседателот на ФФМ, Илчо Ѓоргиевски од ФФМ биле испумпани околу два милиони евра за рок од три години, додека пак Сејдини кога го наследил во рок од една година дури беше на претседателското место, проневерени се околу 860 илјади евра. Сејдини од пред два месеци веќе е во притвор под сомнение дека проневерил 700.000 евра од УЕФА за поддршка за изградба на трибина во Охрид.