Новаци ќе добие регионален центар за отпад
Регионалните центри за управување со отпад се спас за животната средина и насока во која што забрзано треба да се движи нашата држава. Планирано е да се изградат 5 вакви Центри, за кои е земен заем од ЕБОР во висина од 55 милиони евра, а еден од нив е и оној во општина Новаци, кој ќе го собира отпадот од 18 општини од Центар Жупа, па надолу преку Струга и Охрид, Кичево и сите оние од Пелагонискиот плански регион. За неговото значење денеска се одржа и панел дискусија во Ресен.
„Одредени општини ќе носат директно на депонијата во Новаци, одредени општини ќе носат на претоварна станица, од каде ќе има регионално комунално претпријатие кое што ќе стопанисува со Центарот во Новаци и со претоварните станици и ќе го врши тој транспорт и ќе управува со самата депонија“, рече Емил Ангелов, Салар Интернационал.
Како дел од заштитата на животната средина во моментов во Преспа се градат и 5 канализациони системи во Претор, Стење, Д. Дупени, Крани и Брајчино кои треба да бидат готови до септември оваа година. До тогаш треба да бидат поделени и 2.000 жолти канти за селекција кај домаќинствата.
„Околу 1.500 луѓе имаат баш директен бенефит, ќе се приклучат на канализационен систем, кој што ќе ги третира фекалните води“, вели Зоран Трајчевски, УНДП.
Ресен до 2028 година треба да добие и компостара и дробилка за рециклирање на градежен шут. А со тоа заедно со Прилеп да биде еден од двата града во Македонија кои ќе го предводат овој процес.
„Правиме акции за собирање на кабаст отпад, започнавме есента, продолжуваме пролетва, наредна есен некои 5-6 месеци ќе движиме со акција за собирање на кабаст отпад“, рече Марчел Русу, директор а ЈКП Пролетер Ресен.
„Градењето на капацитетот на ЈКП, зборувам човечки и финансиски навистина тогаш ќе бидат во функција на спроведување на сите тие реални и објективни политики од аспект на одржливото управување со отпад“, додаде Ајман Ал Малла, раководител на сектор за животна средина при општина Ресен.
Но за сето ова пред се мора се смени свеста кај самите граѓани, затоа што колку повеќе ќе се одлага во Регионалниот центар, толку повисоки ќе бидат и сметките за комуналии.
„Жалосно е меѓу 2 национални паркови, прекрасно езеро, воздушна бања, ние самите да го уништуваме тоа“, истакна Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
Панел дискусијата во Ресен ја организираше ИКС како дел од кампањата Преспа? Разбуди се за чиста животна средина, поддржан од ЕУ како дел од проектот ЕУ за Преспа.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
