Македонија
29. July 2026 - 16:39

Нова бактерија во водоводната мрежа во Гостивар, најави за питка вода се уште нема

Појава на нова бактерија во водоводната мрежа го пролонгира враќањето на питката вода во Гостивар. Иако повеќе не се присутни фекални бактерии, сепак долгото некористење на водата од инсталациите придонело за појава на нова бактерија, па водата е се уште небезбедна за пиење и покрај хиперхлорирањето и дезинфекцијата. Дури не се реши овој новонастанат проблем, водата смее да се употребува исклучиво како техничка. 

Квалитетот на водата во Гостивар е значително подобрен, затоа е намален и бројот на новорегистрирани случаи. Според податоците од министерството за здравтсво, во изминативе три дена бројот на граѓани кои бараат здравствена помош е намален. Во неделата имало 127 регистрирани случаи, додека во понеделникот бројката опаѓа на 106, додека вчера се регистрирани 71 пациент.

Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад" Гостивар се регистрирани вкупно 49 нови прегледи, од кои 29 на инфективно и 25 на педијатриско одделение. Во моментот се хоспитализирани двајца пациенти на инфективно и пет пациенти на одделението за педијатрија. Во Здравствени дом Гостивар се регистрирани 22 нови прегледи во дежурната служба, соопштија од министерството за здравство. 

Првичните најави беа дека питка вода во Гостивар ќе има до крајот на неделата, но за да се случи тоа треба да излезат три последователни негативни примероци од бакитерии во водата, за да се тргне забраната.

СДСМ и денеска побара кривична одговорност од министерот за здравство Клековски, раководството на ДСЗИ, Центар за јавно здравје и сите службеници кои, според нив, ги криеле информациите и не презеле мерки, со што го загрозиле здравјето на граѓаните во Гостивар. 

Премиерот Мицкоски пак бара Обвинителството веднаш да ги истражи стотиците пријави за неквалитетна вода во Гостивар во 2021 година, кога министер за здравство беше Венко Филипче. 

Од понеделникот водата во Гостивар е дозволено да се користи како техничка, додека како питка вода е забранета од 17 јули.