Македонија
28. September 2026 - 17:11

Фемицидот не е изолирано убиство, институциите мора навреме да го препознаат

Фемицид или намерно убиство на жени и девојчиња поради нивниот род, не е изолиран кривичен настан, туку крајната точка на континуирано родово насилство. Ваква порака испратија учесниците на регионалната конференција за фемицид која се одржува во Собранието. Според податоците на Обединетите нации, во 2024 година, дури 50 илјади жени и девојки во светот се убиени од својот партнер или член на семејството.

„Мора да констатираме дека фемицидот како општествен феномен е огледало на затајување на одговорноста и на поединечен и на севкупен план. Тоа е црна слика на модерното општество во 21 век“, изјави Весна Бендевска, Потпретседател на Собрание.

Според учесниците, клучно за спречување на фемицид е координираната акција на институциите. Во Македонија со поддршка на ОБСЕ беа направени законски измени за превенција и казнување, а се развива и механизмот за следење на случаите на фемицид и текот на судските постапки.

„Ќе разменуваме искуства од целиот регион и ќе разгледуваме како институциите можат да работат поединечно и заедно за да се спречи родово-базирано убиство на жени и девојчиња“, изјави, Килиан Вал, Шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во изминатиот период, надлежните во земјава детектирале 92 случаи на фемицид или обид за фемицид, па како што велат од ОБСЕ, размената на информации меѓу полицијата, обвинителството и судот е неопходна за навремена реакција пред партнерот или член на семјеството да посегне по животот на жена или девојка.

„Оние држави кои повеќе вложуваат во системите за рано предупредување и ефективна заштита, може да се спасат животи. Кога нема политичко внимание, жените плаќаат со својот живот“, изјави Лара Скарпита, советничка во ОБСЕ

Македонската статистика според мрежата против насилство врз жени, покажува 115 убиства и обиди за убиства на жени во една деценија. Последната жртва на фемицид беше 31 годишната велешанка Росица која беше убиена од својот партнер – таа претходно го пријавувала за насилство и закани за што добил условна казна и забрана за приближување.