Македонија
28. September 2026 - 12:22

Четврта Ајвaријада во општина Босилово

Околу 400 килограми домашен ајвар беа направени на четвртата по ред  Ајвaријада  во Босилово. Преку 30 домаќинки и домаќини на 10 традиционални печки, неколку часа на лице место го прикажуваа целиот процес за подготовка на овој автентичен македонски деликатес.

Целта на манифестацијата  не е само да се промовира производството на традиционалната пиперка ајварка, туку и да се зачуваат и презентираат рецептите и техниките кои со генерации се пренесуваат низ времето.

Годинава, за првпат во подготовката на ајварот се вклучија и домаќинки од Прилеп, а манифестацијата привлече неколку стотини посетители од целата држава, но и од соседството.

Градоначалникот на Општина Босилово истакна дека настанот има за цел да направи поголема промоција на еден од најголемите брендови во регионот – пиперката и ајварот, но воедно претставува и значаен поттик за развој на еко руралниот туризам.

Дел од приготвениот ајвар беше послужен на присутните гости, додека останатиот, поголем дел Општината ќе го донира на социјално ранливите семејства.