Македонија
26. September 2026 - 16:38

Термални камери ќе ги детектираат пожарите на депониите во струмичко

Со термални камери ќе се детектираат пожарите и потпалувачите на депониите во струмичкиот регион. Се работи за проект што се реализира со поддршка на Европската унија како дел од  прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Грција. Вкупниот буџет изнесува 1,3 милиони евра, од кои околу 300 илјади евра се наменети за македонската страна.

Системот користи комбинација од сензори, термални и оптички камери и софтвер, кои автоматски ќе сигнализираат и алармираат до институциите за појава на чад и оган на мапираните депонии и целиот регион.

За пожарникарите, овој проект треба да придонесе многу за брза реакција и навремено справување со огнот на терен, што ќе значи помали штети и помала опасност.

Камерите ќе имаат радиус на покривање од над 15 километри и ќе овозможат ефикасно лоцирање на пожарите и потпалувачите на депониите  кои во овој дел од државата станаа еден од најголемите проблеми. На македонска страна опремата ќе биде поставена во општина Босилово и ќе ги покрива сите четири општини од микрорегионот.

Покрај технолошките решенија, проектот предвидува и кампањи и обуки за подигање на јавната свест во локалните заедници, мапирање на неконтролирани депонии и изработка на студии за нивното влијание врз климатските промени. Проектот ќе се имплементира во наредните две години.