Инспектор од АХВ барал пари за да не напише прекршок, пријавил сопственик на угостителски објект
Барала документи кои не се потребни, а за да изработи позитивен записник, им барала пари. Ова била шемата на инспекторка од Агенцијата за храна и ветеринарство поради која е денеска приведена од полицијата.
Осомничена е дека за да се стекне со лична корист, ја злоупотребила својата положба како инспектор во АХВ. Случајот е откриен по пријава во МВР – инспекторката ја пријавил сопственик на угостителски објект кој се пожалил дека таа му побарала пари при изработка на записник од направената контрола.
„Од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР во координација со ОЈО Скопје, лишено од слобода е лице вработено во Агенцијата за храна и ветеринарство по претходна пријава дека на сопственик на угостителски објетк му биле побарани парични средства за да не му биде изречен прекршок кој што му бил констатиран при контрола во објектот“, информираат од МВР.
Случајот е сега во рацете на Јавното обвинителство кое треба да утврди колкупати инспекторот на АХВ ја злоупотребил функцијата, но и колку пари незаконски биле стекнати.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
