Македонија
18. September 2026 - 16:29

Бајрами со лисици во Кривичен – не чувствува вина за случајот „Лотарија“

Поранешниот директор на Државната лотарија, Перпарим Бајрами кој речиси две години беше во бегство, денеска седна во обвинителната клупа на скопскиот Кривичен суд. Беше донесен со лисици на рацете од затворот во Шутка откако пред една недела сам се пријави на граничниот премин Блаце. По влегувањето во судницата, тој се поздрави со Артан Груби со кој ја делат првата клупа во големата судница на Кривичен.

Заради доаѓањето на Бајрами, обвинителството повторно го презентираше обвинението за злоупотребата тешка речиси 10 милиони евра со незаконската набавка на апарати за коцкање. Откако слушна за што е гонет, Бајрами пред судот рече дека знае за што е обвинет, ама не чувстувва вина. Неговиот адвокат во изјава за медиумите не откри кои лица ќе ги повика за сведоци. За материјални докази предложи одлуки од владини седници, записници од државниот пазарен инспекторат и УЈП.

Одлуки донесен на владини седници како докази најави и екс вицепремиерот Груби. Другите обвинети, за сведок го бараат сегашниот директор на Државната лотарија, кој е сведок и на Јавното обвинителство. Одбраната реагираше на начинот на кој сака јавното обивнителство да ги презентира доказите. Предлагаат наместо читање на насловите, доказите да бидат презентирани во судницата.

Според обвинителството, законот им дозволувал доказите да бидат само прочитани, барањето за презентација велат би го одолговлекувала судењето. 

Судењето ќе продолжи во среда со изведување на материјалните докази. Во случајот освен Груби и Бајрами, обвинет е и поранешниот генерален секретар на владата, Методија Димевски и членовите на надзорниот одбор на Државната лотарија.