УГД - Летна школа, како до почист воздух, вода и почва
Аерозагадувањето останува секојдневие за жителите во повеќе македонските градови. Резултатите од мерењата на лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ покажуваат дека има надминување на сите дозволени параметри.
- Сметам дека доколку продолжиме да ги наоѓаме проблемите, да ги детектираме, сигурен сум дека ќе најдеме и решение. Генерално, за среќа имаме благо подобрување последните неколку години, иако се уште од аспект на суспендирани честички во повеќето урбани средини имаме значително надминување, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД- Штип.
Загадувањето не се мери само преку воздухот. Водата и почвата се дел од пошироката слика за состојбата на животната средина. Токму овие три сегменти се тема на Летната школа која годинава за првпат се одржува во Македонија. За институциите, вложувањето во вакви програми е вложување во кадар кој во иднина треба да ги препознава проблемите и да нуди решенија.
- Ова се процеси кои не зависат од нас, туку од повеќе фактори, значи не само од знаењето и истражувањето, потребни се вложувања. Но, тргнати сме во тој правец и сметам дека краткорочно постепено ќе се подобруваме, но на долгорочен план треба да имаме сериозни ефекти кои ќе користат за подобар живот на населението, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.
Во Штип студенти и млади истражувачи од Западен Балкан, под водство на европски експерти, добиваат можност да работат со технологии и методи кои се користат во европските истражувачки центри.
- Учесниците ќе се запознаат со напредните технологии за анализа за загадувањето и неговото влијание, со цел стекнатото знаење да го применат во своите земји, изјави Клаудио Белис, Заеднички истражувачки центар на ЕК.
Министерството за образование лани обезбедило шест милиони евра за научни истражувања, додека УГД добил два проекта, секој вреден по 125 илјади евра.
-
Tрајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
