Македонија
12. September 2026 - 18:37

Четворица кандидати ќе се борат за градоначалничкото место во Брвеница

Четворица кандидати засега ќе трчаат во трката за градоначалник на општина Брвеница. Коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди одат со засебни кандидати за градоначалничкото место.

По смртта на Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководеше со општината од 2021 година, владејачката партија по Извршниот комитет одлучи да го кандидира Стојанчо Радичевски, кој е претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница и магистер по граѓанско право.

Нивните коалициони партнери ВРЕДИ пак, го кандидираат државниот службеник во општината Јакуп Хусеини, во чија биографија стои дека е магистер по правни науки. Очекувањата на премиерот се дека неговата партија ќе го добие градоначалничкото место во Брвеница.

“Па се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ има очекувања кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите”.

На последните локални избори, во Брвеница имаше тесна трка меѓу партнерите во Владата. Тогаш Јовица Илиевски победи со 145 гласа повеќе од Хаќим Рамадани од Вреди.

Но и ДУИ и СДСМ ги претставија своите кандидати кои ќе се борат да ја освојат општината.

СДСМ го кандидираше Јовица Радевски, кој доаѓа од приватниот сектор, по професија е ветеринар и е актуелен советник во општината и носител на советничката листа на СДСМ.

-Чесен и вреден човек, кој секојдневно е меѓу граѓаните, во секое село и во секој дом во општина Брвеница. Како актуелен советник и носител на советничката листа на СДСМ, одблиску ги познава проблемите и потребите на граѓаните.

Демократската унија за интеграција на изборите во Брвеница ќе настапи со Аркин Јахији.

Според аналитичарот Петар Арсовски, кој ќе ги добие изборите во Брвеница нема да биде мотив за предвремени парламентари избори, меѓутоа ќе биде показател која партија го поседува теренот.

Според последниот попис од 2021 година, Општина Брвеница има 13.645 жители, од кои 54% Албанци и 45% Македонци.