Бизнис
3. September 2026 - 16:30

Економијата во вториот квартал со раст од 4,3%, што е најдобар во последните 10 кавртали

Раст на економијата од 4,3% во вториот квартал годинава, објави статистиката. Двигател биле бруто инвестициите, каде има зголемување од 16,5%. Со стапки над 10 отсто растел и увозот и извозот. Министерката за финансии е задоволна. Бројките покажуваат дека политиките кои ги води власта даваат резултатите и ја прават земјата најдобра во споредба со соседните, па и земјите од еврозоната.

- Растот на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2 проценти и еврозоната од 1 проценти. И во регионот нашата стапка на раст е меѓу повисоките. Растот од 4,3 проценти е повисок од растот во Србија од 3,8 проценти, Бугарија од 2,5 проценти и Хрватска од 1,7 проценти. Овој резултат добива дополнително значење ако се погледне поширокиот економски контекст – рече Димитриеска-Кочоска.

Кочоска очекува позитивните бројки да продолжат и следниот период, затоа што  градежната механизација бела доста активна и во 3 квартал. Токму градежниството, според статистиката, бил главниот двигател, кој бележи зголемување од речиси 22%,. Во истиот период, расте и индустриското производство, а инфлацијата се стабилизира, што дава оптимизам дека крајот на годината ќе биде успешен

- Бројките денес покажуваат дека економијата расте, економската активност забрзува и политиките што ги спроведуваме даваат резултати. Целта е економскиот раст да се преточува во повисок животен стандард за граѓаните, повеќе можности за компаниите, повеќе инвестиции и посилна и поконкурентна македонска економија – рече Димитриеска Кочоска.

Ако се земат во предвид сезонските и прилагодени податоци, кои во пресметките ги користи Евростат, стапката на раст на БДП во второто тримесечје во однос на истиот период лани изнесува 4 отсто.