Пожарот во лакавичко изгаснат, но остануваат последиците
Синоќешното невреме што го зафати Истокот, проследено со пороен дожд, грмотевеци и силен ветер го отежна сообраќајот на повеќе патни правци во регионот, но за среќа целосно го неутрализира големиот пожар кој 3 дена беснееше во Лакавичкиот реон и се ширеше кон планината Серта. Пламените јазици им се закануваа на селата, Пухче, Селце, Степанци и Лакавица.
Најкритично беше кон Селце, каде што огнот се приближуваше до првите викендички. Со градежна механизација се правеа земјени прстени за да се спречи ширењето на пламенот. Со дополнителни сили од околните општини и противпожарни единици, објектите беа одбранети. За среќа, нема повредени лица, ниту материјална штета на приватните објекти.
-За кратко време ги мобилизиравме сите околни општини со нивните противпожарни друштва, ТППЕ. На крајот бевме околу 140 до 160 професионални пожарникари, доброволни друштва, изјави Благој Ренџов, командир на ТППЕ-Штип.
Освен од земја, пожарот се гасеше и од воздух. Колкава површина е опожарена ќе се утврдува дополнително. Постојат сериозни индиции дека пожарот намерно е подметнат од пиромани. И додека пожарникарите, припадниците на службите и граѓаните со денови се бореа со огнената стихија, во близина на пожарот се фатени тројца дрвокрадци. Ова е силен потсетник дека со гаснењето на огнот не завршуваат проблемите, остануваат опожарените шуми, илјадниците изгорени стебла и ризикот дрвната маса да стане нова можност за нелегална или комерцијална сеча.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
