Преглед на вестите од светот
Исланд денеска гласа на референдум за поддршка за обновување на преговорите со Европската Унија, по повеќе од една деценија од нивното замрзнување.
Околу 270.000 граѓани одлучуваат дали Рејкјавик одново ќе го отвори дијалогот со Брисел, иако денешното изјаснување не значи и автоматско членство. Според последните анкети, исходот е потполно неизвесен бидејќи јавното мислење е речиси поделено.
Исланд ја повлече својата апликација за членство во ЕУ во 2015 година по долготрајни спорови околу квотите за риболов. Првите официјални резултати од референдумот, се очекуваат во текот на ноќта.
Бројот на жртвите во поплавите во Непал се искачи над 600. Денеска тамошната полиција соопшти дека во катастрофата која го погоди пограничниот регион на Непал и Кина, пронајдени се 616 жртви. Според властите, засега повеќе од 2.500 лица се водат за исчезнати.
Во меѓувреме, Армијата ги интензивираше операциите за пребарување и спасување, но се соочува со големи предизвици, вклучувајќи густа кал и луѓе заробени во планинските тунели.
Калта го отежнува слетувањето и полетувањето на хеликоптерите во погодените области.
Русија и Украина продолжуваат со меѓусебните напади. Најмалку 27 лица загинаа, а уште 42 се повредени во рускиот напад врз округот Буча во Киевската област. Меѓу повредените има четири деца. Нападот се случи синоќа околу 20:10 часот во селото Мила, каде што руски дрон удрил или паднал на територијата на една компанија.
По ударот, избувнал голем пожар, а потоа започнала силна детонација на материјалот складиран на локацијата. Во синоќешните украински напади врз повеќе руски области загинаа најмалку четири луѓе, а 19 се повредени.
Руското Министерството за одбрана соопшти дека извршен е напад врз терминал во украинското пристаниште Николаев.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
