Втор смртен случај од западнонилска треска во Македонија - расте бројот на новозаболени, повеќето се од Драчево
Втор смртен случај од западнонилска треска за една недела во Македонија. На клиниката за Инфективни болести почина 72 годишен скопјанец.
- Пациентот беше и со други пропратни заболувања, изјави Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Во моментот на Инфективна има 24 пациенти кај кои вирусот е и лабораториски потврден, 7 –мина се во тешка состојба на одделот за интензивна нега и на апарати за дишење.
Од Скопскиот центар за јавно здравје информираат дека се зголемува бројот на заболени од западнонилска треска во Македонија. Досега вирусот лабораториски е потврден кај 30 лица, а се чекаат резултатите за уште два сомнителни случаи од Аеродром и Драчево.
- Се повозрасни лица од 50 до 83 години, најмногу припаѓаат на оваа возрасна група. Поголем дел се од Кисела Вода и Аеродром. Повеќе заболени се пријавени од една улица во Драчево, вчера имавме еден случај и од Студеничани, вели д-р Лулзиме Бајрами, епидемиолог во ЦЈЗ Скопје.
Според епидемиолошките податоци, речиси половина од пријавените случаи се од Драчево. Граѓаните велат дека има многу комарци.
Од општина Кисела Вода информираат дека во соработка со Центарот за јавно здравје вечерва од 22 до полноќ во Драчево ќе се изврши трето вонредно прскање против комарци, а дезинсекција била направена и во средата по прогласување на епедемија во 5 скопски општини.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
