Македонија
28. јуни 2026 - 16:39

СДСМ: Загрозен е вториот пензиски столб, ВМРО-ДПМНЕ: Лагите ги повторуваат како папагали

Парите за пензии повторно во центарот на политичките препукувања. Од опозициската СДСМ велат дека е загрозен вториот пензиски столб, а дупката во фондот за пензиско била зголемена на 40%.

„Според плановите на власта, парите кои денес работниците ги уплаќаат во приватните пензиски друштва, треба да се префрлаат назад во државниот фонд - ПИОМ. Ова е крајно опасно. Власта го загрозува вториот столб кој постои токму за да се намали притисокот врз државниот фонд и да се обезбеди дополнителна пензија за идните генерации. Неговото укинување или слабеење значи дека идните пензионери ќе зависат исклучиво од државниот буџет - кој оваа Влада веќе го доведе до колапс. Владата планира и зголемување на стапката за придонесот за задолжително пензиско за пренасочување на пари кон ПИОМ. Значи Фондот за пензиско и државниот буџет немаат доволно пари и не можат да исплаќаат пензии соодветно“, кажа Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, уверува дека нема причина за загриженост.

„Венко Филипче и неговите другари лагите ги повторуваат како папагали. Од нивното однесување и нивните кажувања кои се сведуваат на сеење страв се гледа само едно дека немаат идеја за ништо и само повторуваат лаги. Еве јасно ќе им кажеме и во оваа прилика, буџетот не е празен, ниту се загрозени пензионерите и нивните месечни примања, ниту се загрозени вработените и нивните примања“, стои во партиската реакција.

Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија покажува дека државата доцни со префрлањето на придонесите во вториот пензиски столб. Иако ПИО навреме ги доставува пресметките до Министерството за финансии, парите не стигнуваат навреме до приватните пензиски фондови.

Во 2024 година доцнењето било во просек околу два месеца, а заклучно со февруари годинава не биле префрлени околу 42 милиони евра. Ревизорите предупредуваат дека поради тоа парите не се инвестираат навреме, што може да значи помал принос за идните пензионери.

По извештајот од Фондот за пензиско реагираа дека не се доведени во прашање ниту редовната исплата на пензиите, ниту стабилноста на Фондот, а ревизијата се однесува на времето на претходното раководство.