Интензивни преговори за владината реконструкција - конечна одлука во вторник
ЗНАМ не добил понуда да го прифати министерството за земјоделие во замена за позицијата во правда, тврди претседателот на партијата Димитриевски. Што е ставено на маса помеѓу него и премиерот Мицкоски вели ќе стане јасно во вторник до кога треба да заврши и процесот на преговарање.
Не се откажува од Минчев и Филков кои според него постигнале резултати, но конечна одлука ќе носела партијата.
Со околу 50 функционери во сите ешалони, Димитриевски најавува уште поголемо зацврстување на позицијата на ЗНАМ во владата по реконструкцијата.
Опозициската СДСМ обвинува дека владината реконструкција е последната битка на ЗНАМ за фотелји и личен интерес.
-ЗНАМ повеќе не постои како здружение. Oстанати се само двајца – Горан Минчев и Максим Димитриевски, кои сега водат отворена битка за фотелји, бизниси и влијание. Ова е логичен крај на проектот што Христијан Мицкоски лично го создаде, финансираше и го користеше како политички сателит. Кога веќе не му е потребен, се однесува кон нив како газда кон непотребни слуги - ги фрла, велат од СДСМ.
Неофицијално, правда, здравство, култура, образование, земјоделие, политички систем, спорт се ресорите кои би трпеле смена на министри, но не се исклучуваат и други кадровски промени. Смени се најавуваат и во пониските ешалони
И албанскиот партнер во владата Вреди не открива детали што е на маса и какви понуди добиле , но најавуваат дека ќе обезбедат една третина од министерските позиции. Јасно е дека од позицијата заминуваат Лимани од труд и социјала , а празно е и вицепремиерското место за добро владеење по оставката на Фетаи. За дел од актуелните се договара нивна ротација
Партиските пазарења треба да финишираат во вторник кога Мицкоски треба да пресече кој останува, кој си оди, а кој ќе ротира во друг сектор.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
