Сејф сити не ги санкционира возачите кои имаат возила со странски таблички
Додека домашните возачи внимаваат да не направат сообраќаен прекршок, туристите со странски таблички минуваат низ нашата територија без грижи дали ќе бидат уловени од камерите на Сејт сити.
Системот ги евидентира возилата со странски таблички, но нема способност да им го открие идентитетот на сопствениците на возила кои прават прекршоци, ниту е најден начин како да им ги достават казните.
Дека циркулираат голем број на странци, особено во ек на сезона покажува и статистиката на МВР. Во изминатите 24 часа на Богородица и Табановце заклучно со пладне влегле 23.850 странски државјани, а излегле 32.342.
Министерот Тошковски вели дека се работи на софтверско решение и најави отворање на пункт специјализиран за прекршоци сторени од возачи на возила со странски регистарски таблички.
„Проблемот не е во детекцијата, туку во процесот на идентификација и доставување на прекршочните постапки до сопствениците на странските возила. Причината е што за сопствениците на македонските возила располагаме со целосно ажурирана база на податоци, која беше подготвувана околу една година пред официјалната имплементација на системот „Сејф Сити“. За жал, немаме таква база за сопствениците на возила со странски регистарски таблички, што го отежнува нивното ефикасно процесуирање“, изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи тонско.
За првите пет месеци од почетокот на функционирањето Сејф сити казнил 120 000 граѓани, а 95 % се за возење побрзо од дозволеното.
„Од почетокот на неговата примена, на 2 февруари 2026 година, во првите пет месеци е забележано намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 40 проценти, односно 33 загинати лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година“, дополни министерот Тошковски.
Kамери има во Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите 8 и 10. Властите најавија дека до крајот на годинава проектот ќе биде целосно имплементиран ширум држава, опфаќајќи ги поголемите градови и патни правци. По финалното тестирање, постепено во функција се пуштаат околу 40-тина камери во Охрид и Струга за побезбедно лето.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
