Почна изградбата на нов мост во Штип, вреден 70 милиони денари
Започна изградбата на нов мост над реката Брегалница во близина на Бања Кежовица во Штип. Мостот е дел од новата обиколница што ќе ги поврзе населбите Пребег и Железничка со викенд-населбата Плуждино. Станува збор за капитален инфраструктурен проект на Општина Штип, инвестиција во врредност од 70 милиони денари.
-Верувам ќе овозможи иден развој на овој дел од градот. Всушност обиколницата која претходно беше започната и на која веќе интензивно се работи за да добие употребна вредност и да добие функционалност, неопходно беше изградбата на овој мост, за кој веќе се започнати активностите на терен и очекувам во наредните месеци овде да се изгради она кое што го предвидува самиот основен проект - изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Паралелно со изградбата на новите сообраќајни врски, локалната самоуправа работи и на подготовка на детални урбанистички планови.
-Обиколницата, мостот, но и сите сообраќајници кои се градат на територија на општина Штип верувам дека ќе овозможат побрз проток на возила, скратен пристап до одредени делови од градот, побрзо поврзување на одредени населби. Се прават детални урбанистички планови за да се овозможи иден развој на овој потег, со зона за домување, зона за лесна индустрија, зона за деловни објекти што ќе придонесе за ширење и развој на градот, додаде Јорданов.
Градоначалникот најави дека во завршна фаза е и подготовката на проектната документација за уште една нова сообраќајница со мост преку Брегалница, која ќе ги поврзува населбите Баби и Македонка. Доколку се одвива според планираното, изградбата на оваа инфраструктурна врска треба да започне во текот на 2027 година.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
