Нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за промена на ресори, разговорите продолжуваат
Нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за најавената реконструкција на Владата, откако вчерашната средба на партнерите заврши без конечен епилог за прераспределба на министерските фотелји. Иако според неофицијалните информации, Игор Филков треба да го напушти ресорот правда за тој да му припадне на Вреди, додека ЗНАМ како компензација би го преземал земјоделие, нема конечен договор. Од партијата официјално потврдуваат дека разговорите продолжуваат.
Договор не е постигнат. Разговорите продолжуваат, континуирано се прават консултации, а деталите што е ставено на маса остануваат во рамки на преговарачките тимови. Очекуваме до средината на следната недела да има конечен договор, ако има евентуална смена на ресори и министри, велат од ЗНАМ.
Доколку се остварат неофицијалните информации, претстојната реконструкција ќе биде длабок кадровски рез кој би зафатил повеќе од една третина од владиниот состав. На излезна врата од извршната власт неофицијално се министрите за спорт и за култура, Борко Ристевски и Зоран Љутков, а на нивно место би дошле кадри на ВРЕДИ. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ би го отстапило и министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, за да ги добие здравство, социјална политика и евроинтеграции. Единствен кој би можел да се спаси од целосно заминување е Беким Сали, за него се предвидува внатрешна ротација, односно преземање на сосема друг ресор наместо евроинтеграциите. Оваа прераспределба отвора можност и за проширување на владината коалиција, при што се шпекулира дека нов партнер во кабинетот на Мицкоски би можела да стане Демократската партија на Турците.
Од ВМРО-ДПМНЕ официјално велат дека до први јули ќе бидат познати имињата на новите министри и променетите ресори.
Во владината коалиција владее хаос, а реконструкцијата е тепачка за фотелји, реагираат од опозициската СДСМ.
Додека на јавноста ѝ се претставуваат „добри резултати“, зад затворените врати на Белата палата се води тепачка за позиции и лична добивка. Ако резултатите се толку добри на оваа Влада, зошто тогаш реконструкција? Додека граѓаните гледаат во празните паричници и фрижидери, зад ѕидовите на власта се води борба за уште тендери и уште лично богатење. Вака изгледа кога на власт е организирана криминална група, реагираат од опозициската партија.
Главните договори во одонос на реконструцијата се очекува да бидат направени во текот на викендот, а откако ќе биде комплетиран предлогот со новите имиња, ќе биде доставен до Собранието за гласање.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
