Македонија
23. јуни 2026 - 16:29

Мицкоски: Дипломатската нота за патувањето на моето семејство ги радикализира односите со Софија

Премиерот Мицкоски го известил НАТО за дипломатската нота која излезе во јавноста за патувањето на неговата сопруга и син, во Пампорово Бугарија, оваа зима.  Според премиерот се загрозила безбедноста на неговото семејство и претставува скандал во дипломатијата протекувањето на овие информации. Состојбата со односите со Бугарија се радикализира, наместо да има позитивен развој, вели премиерот.

Во дипломатската нота во детали е опишана рутата на сопругата и синот по која оделе, лични податоци и за полициското обезбедување кое ги придружувало и какво оружје поседувале. Во дипломатската нота се бара да има и полициско обезбедување од Бугарија до Пампорово и по потреба обезбедување за време на престојот.

Бугарските медиуми, информациите ги преземаат од сајтот “Вардарски” а речиси во секој наслов стои дека, додека премиерот Мицкоски ја заострува реториката кон Бугарија, го праќа семејството на одмор во Папморово.

Во време кога фокусот на македонската извршна власт е насочен кон нотификацијата до Алијансата за дипломатскиот инцидент со премиерското семејство, собранискиот спикер Африм Гаши и неговата бугарска колешка Доцова се обидоа да ги спуштат тензиите на парламентарен терен. Двајцата спикери на денешната средба фокусот го ставија на посилна прекугранична соработка, економија и побрза изградба на стратешкиот Коридор 8. Гаши ја истакнал посветеноста на Македонија кон процесот на европската интеграција, нагласувајќи ја потребата на институциите да ги спроведат потребните реформи на патот кон членството во ЕУ.