Пазарна ќе ги споредува цените во целиот синџир на снабдување за да утврди од каде доаѓа поскапувањето
Пазарниот инспекторат ќе направи компаративна анализа на цените на основните производи за да утврди во кој дел од синџирот на снабдување настануваат поскапувањата – кај производителите, добавувачите или маркетите.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се споредат цените по кои производите биле доставувани до маркетите и цените по кои биле продавани на граѓаните.
Ќе се анализира мај годинава со истиот месец лани.
„Да видиме, што е тоа кое што тука креира состојба да ние имаме зголемени цени на основните прехранбени производи. Нашата цел е основните прехранбени производи, не е - тутунот и производите од тутун, алкохолните пијалоци или друг тип на акцизна роба. Зборуваме за основни прехранбени производи, тоа што им е неопходно на граѓаните“, изјави премиерот.
Мицкоски посочи дека Владата и претставниците на маркетите на вчерашната средба зборувале за ефектите од кризата и се договориле годишниот раст на цените на основните производи во јули да не надмине три проценти.
„Се согласивме сите. За ова да се реализира потребно е да направиме еден ваков ист состанок со производителите и дистрибутерите и добавувачите. Тоа ќе се случи во наредниот период и потоа сите заедно ќе седнеме на маса и сите заедно ќе бидеме општествено одговорни затоа што граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени“, кажа Мицкоски.
Паралелно се разгледуваат и можни законски измени. Во активностите е вклучена и Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Оттаму посочуваат дека „врз основа на досегашната примена на Законот за забрана на нефер трговски практики, како и искуствата стекнати преку постапувањето по повеќе предмети, Комисијата активно учествува во подготовката на законските измени со цел надминување на воочените слабости, зајакнување на правната сигурност и унапредување на заштитата на сите учесници во синџирот на снабдување“.
По состанокот, маркетите уште синоќа за Сител брифираа дека се подготвени да ги скратат маржите за да поевтинат основните производи, а секоја нова, повисока влезна цена веднаш ќе ја пријават во Пазарна.
Државна статистика измери годишен раст на инфлацијата во мај од 4,8%.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
