Сиљановска: Оставете не да се европеизираме
Проширувањето на Европската Унија треба да се темели на копенхашките критеритуми а на историски и билатерални прашања, вели Претседателката во последното интервју за МИА. Според неа, уставните измени не треба да бидат услов за почеток на преговорите, туку државата треба да добие простор да се европеизира, да ги спроведува реформите и да стане компатибилна со европските стандарди, потсетувајќи дека токму во таа насока, официјално Скопје веќе предложи уставни измени со одложено дејство
Претседателката тврди дека не е точно дека со уставните измени автоматски завршуваат проблемите, бидејќи, според неа, остануваат протоколите, историската комисија и можноста за нови барања во текот на процесот. Затоа вели дека Македонија не треба да губи време на историски спорови, туку да се фокусира на реформите, владеењето на правото и европеизацијата.
Таа ја критикува сегашната опозиција коментирајќи дека клучните обврски поврзани со бугарското вето ги преземала во нетранспарентна постапка и без согласност од граѓаните.
Во интервјуто на Претседтелката, опозицискиот лидер Филипче го виде она кое како што вели, СДСМ го повторува долго време
„Дали ова значи дека претседателката Сиљановска сака да се приклучи на Фронтот за вистина и правда? По прв пат некој од ВМРО јавно го кажува она што ние во СДСМ, а сега и во големиот граѓански фронт, го повторуваме веќе долго време. Историските спорови со Бугарија и работата на Историската комисија не се дел од условите за продолжување на преговорите со Европската унија. Тоа е билатерално прашање меѓу Македонија и Бугарија, а не европски услов. Упорно објаснуваме дека реформите и Копенхашките критериуми се европски барања a не бугарско прашање и дека се клучни за продолжување на преговорите. Реформите не претставуваат никаква закана за јазикот, културата и македонскиот национален идентитет. Не смееме да дозволиме Мицкоски со лаги и пропаганда да го дели народот, да ја изолира Македонија поради својот криминал и корупција и да ја остави Македонија како слепо црево на Балканот. Гордана, ви благодарам за вистината. Како професорка по право, се надевам дека наскоро ќе бидете и на страната на правдата.“ – порача Филипче на Твитер.
Од власта и денеска го обвинија дека повеќе се грижи за бугарските отколку за македонските интереси.
Од ВМРО-ДПМНЕ го повторија ставот дека уставните измени не се последниот бугарски услов, коментирајќи дека со политиките кои ги води СДСМ е на добар пат да исчезне по следните избори.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
