„Градски воз“ во Скопје од 1 септември
Од Зелениково до центарот на Скопје со воз за неколку минути. На 1 септември стартува првата линија од Градскиот воз. Градежните работи на трасата се при крај.
„Тука работиме на горниот строј, односно замена на дрвените прагови со бетонски и со поединечна замена на дотраените дрвени со нови дрвени прагови, во согласност со условите на теренот“, кажа Ивана Бикоска, помошник директор за пруги.
Во утринските часови ќе има по два воза, а во останатиот дел од денот ќе сообраќа уште еден. Кога ќе се комплетираат сите три линии, секоја ќе има по 18 возови, или вкупно 54. Цената на билетот сè уште се договара со Градот Скопје и со Министерството за транспорт.
„Во меѓувреме сме во постапка и во преговори за да обезбедиме нови возни средства коишто би требало да стигнат во текот на наредната година. Сè зависи од динамиката на тендерските постапки и на кој вид, од каде би требало да ги донесеме возните средства“, истакна Горанчо Јовановски, директор на патнички сообраќај во Македонски Железници.
Проектот предвидува уште две линии за кои во моментов се подготвуваат документите, а градежните работи треба да почнат наесен. Едната линија ќе ги поврзува Волково, Ѓорче Петров и Скопје Север со центарот, а другата ќе оди од Миладиновци, преку Илинден и Маџари.
„Само како илустрација ќе ви кажам дека патувањето од крајната станица на третата траса, Миладиновци, до железничкава станица е 18 минути, а од информациите што ги имам од ЈСП, нивните автобуси по возен ред возат 65 минути. И нивниот капацитет е четири пати помал од капацитетот којшто го имаме ние“, изјави Јовановски.
Според познавачите, клучно е поврзувањето. Велат дека железничките станици во Скопје се делумно руинирани, недостапни за лица со посебни потреби и многу далеку од густо населените места.
„Треба да има координација со ЈСП за некои линии, можеби со минибуси, кои ќе ги носат патниците од автобуските до железничките станици. Потребни се и паркинзи за велосипеди, можност за нивно изнајмување, но и опција за внесување велосипеди во возовите. Ако сакаме функционален систем, не треба да гледаме само како се возиме со едно средство, туку како превозите ќе се комбинираат меѓу себе“, порача Дарко Арсовски Петровски, експерт за урбана одржлива мобилност од Гоу Грин.
Спас за сообраќајниот метеж се гледа и во воведувањето на БРТ. Овој систем треба да овозможи посебни, физички одвоени ленти за возилата, со што нема да заглавуваат во гужва со автомобилите. Реализацијата на овој проект треба да почне до крајот на годинава.
Скопје од поодамна има проблеми во редовното функционирање на јавниот превоз. Министерството за транспорт неодамна распиша нов тендер за набавка на автобуси откако два претходните пропаднаа. Граѓаните во последните години се жалат дека автобусите постојано доцнат, а коа ќе дојдат се преполни и не можат да се качат.
Податоците на Државна статистика покажуваат дека во првите три месец годинава во споредба со лани, бројот на патници кои се возеле со градски автобус е немален за 5 отсто.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
