Македонија
27. May 2026 - 16:35

Филипче бара референдум за уставни измени

СДСМ со нов повик до власта - распишете референдум, граѓаните сами да кажат дали сакаат во Европска Унија или не. По вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека нема повеќе отстапки за идентетотот, без разлика на цената,  првиот човек на партијата, Венко Филипче на прес-конференција рече дека Мицкоски не може да одлучува за судбината на сите граѓани. Меѓутоа, прашан зошто СДСМ не собере потписи за распишување референдум, Филипче вели дека одговорноста е кај власта.

-Нека распише власта референдум затоа што ја носат целокупната одговорност за патот кон Европска Унија и да им го кажат граѓаните вистинскиот став и одговор. Се согласувам дека треба прашањето како ќе биде, итн, да се дискутира, да се дебатира, ама на власта е одговорноста. Власта ветуваше влез во Европа по поинакви, подобри и погорди услови. Така беше? Така кажуваа. Излажаа? Излажаа, како за сѐ што лажат. Така да, немаат право они да одлучуваат, граѓаните треба да кажат. Да распишат референдум треба, рече Филипче.

Ја прашавме Владата за став, но до подготовка на прилогот не добивме одговор. Во меѓувреме, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче е специјален пратеник на Бугарија во Македонија кој досега не осудил ниту една контроверзна изјава на бугарскиот премиер Румен Радев.

-Премиерот на Бугарија Румен Радев излегува во јавноста и вели дека македонските револуционери како Гоце Делчев и Јане Сандански се Бугари, македонските дејци како браќата Миладиновци исто така дека се Бугари, како и основоположниците на словенската писменост, Кирил и Методиј, како Климент и Наум Охридски се дел од бугарската историја. Осуда од специјалниот пратеник во Македонија, Венко Филипче нема, рече портпаролот на партијата Валентин Манасиевски.

Премиерот Мицкоски вчера при посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кажа дека наместо чекање на политички отстапки, Владата ќе се фокусира на домашните реформи, Планот за раст и реформската агенда. Но за внесот на Бугарите во преамбулата на Уставот, нешто за што СДСМ инсистира во изминатиот период, Мицкоски рече - „Колкава и да е цената, оваа Влада е подготвена да ја плати“.