Македонија
7. May 2026 - 16:34

РКЕ ќе анализа дали блоковите се правични

Регулаторна ќе прави анализа за блоковите по кои електричната енергија се продава на домаќинствата. Првиот човек на РКЕ вели, овој модел е неправичен.

-Неправичност е што иста енергија се плаќа по различна цена. Енергијата е роба, цена. И тој што ја произведува, ја продава по иста цена. Значи, сѐ другото е социјална категорија којашто треба исто така да се усогласува со државата. Инаку, не може да постојат пет цени за ист производ.

„Значи, можно е укинување?“

-Не, не реков дека е можно укинување. Ќе се разгледаат искуствата од примената на овој систем, па ќе видиме, ќе направиме анализа, рече Ристов.

Со носењето на Законот за енергетика се отвори патот за македонските производители на електрична енергија од обновливи извори, струјата да ја продаваат на европскиот пазар. Но засега такво нешто не е возможно бидејќи државата и Регулаторна треба да ги донесат сите потребни европски акти. Очекувањата на РКЕ се дека веќе следната година ова ќе биде завршено и македонските производители струјата ќе можат да ја продаваат во Европа.

Регулаторна го објави извештајот за 2025 година, според кој, за 11,4% пораснало производството на електрична енергија од обновливи извори во 2025 годинА, а најголем раст имало во производството од ветерните електроцентрали, од 32,5%.

Сепак, во произвдоството сѐ уште доминира јагленот, иако првиот човек на РКЕ очекува ова да се промени до крајот на годината, кога, според Ристов производството од обновливи извори ќе го надмине производството од јаглен и од гас. Само лани издадени се 236 лиценци, главно за производство од обновливи извори.

-Електроцентралите кои користат обновливи извори на енергија имаат доминантно учество веќе во 2025 година со 58,2% од инсталираната моќност. Дополнително, првпат во 2025 година се почна со инсталација и на батериски системи, односно т.н. Инсталирана моќност од 7,1MWh во делот на акумулација на електричната енергија и зачувување, рече првиот човек на РКЕ, Ацо Ристов.

Складирањето на вишокот струја веќе не е само опција, туку неопходност, а брзината на инсталација на батериите ќе биде вистинскиот тест за стабилноста на целиот систем.