Универзитетите и Владата единствени за новото законско решение за високото образование
Со консензус од целата академска заедница и рекорден буџет од 7.5 милјарди денари, Владата го претстави финалното законско решение за високо образование.
Новиот модел на финансирање ќе подразбира повеќе средства за поголем вложен труд, со цел да се стави крај на долгогодишните експерименти и да се спречи одливот на млади кадри. На конференцијата со ректорите на државните универзитети, премиерот Мицкоски порача дека ова не е политичко, туку државно прашање од кое зависи иднината на земјата.
За разлика од претходниот закон, кој според министерката Јаневска бил донесен зад затворени врати во министерскиот кабинет, ова законско решение е плод на 18 месечна дебата. Во фокусот на новиот закон е да се стимулираат научни трудови и напредок на реномираната Шангајска ранг листа.
Ректорите новиот закон го оценија како придонес кон подобрување на квалитетот и посилно меѓународно позиционирање на македонските универзитети.
Студентите реагираа дека не е исполнето едно од клучните барања во овој закон да биде вметнато националното студентско тело. Реагираа и во однос на непропроционалната распределба на инвестиции на универзитетите и катастрофалните услови во кои следат настава студентите.
Во следните денови законот треба да ги помине филтрите на Владата по што следниот месец ќе влезе во собраниска процедура.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
