Македонија
31. May 2024 - 16:28

Пропадна 6-тиот обид за изборот за претседател на Уставен

Уставните судии неодлучни - пропадна и шестиот обид да се избере наследник на Добрила Кацарска. По два дена гласање никако да се обезбеди потребно двотретинско мнозинство, или шест гласа за да биде избрана една од двете кандидатки Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева. Од Уставен велат дека новата седница е закажана за понеделник.

Во два наврати судиите гласаа за предложените кандидати, при што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Со согласност на сите судии беше договорено седницата за избор да продолжи во понеделник на 3 јуни, велат од судот.

Ден претходно завршува и тригодишниот мандат на Кацарска како шефица на Судот. Ако судиите не изберат претседател и во понеделник, Уставниот суд ќе навлезе во уставно правна криза, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Сали Мурати за Сител.

Потребно е да се избере веднаш претседател на Уставниот суд особено во време кога нема избрано влада. Ако судиите не изберат претседател и во понеделник, судот ќе влезе во уставно правна криза. Затоа изборот требаше да биде спроведен многу порано, а не на истекот на мандатот на актуелната претседателка, вели Мурати.

И во минатото имало ваков случај но гласањето не се повторувало повеќе од два дена.

Според Деловникот за работа, тајното гласање ќе се повторува се додека не биде избран нов претседател со потребното мнозинство. Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.