Треба ли државата да ги забрани социјалните мрежи за децата
Дали државата да ги „заклучи“ социјалните мрежа за децата? На јавна расправа во Законодавниот дом, родители, експерти, пратеници и министри дебатираа како да се намали зависноста од екрани.
Давањето мобилни телефони уште од најрана возраст за децата мирно да јадат е всушност најголемата грешка која ја прават родителите. Адолесцентниот психијатар, Камелија Симеонова вели, модерното општество и технологијата доведуваат до тоа, сите психијатриски растројства почнуваат сѐ порано и порано.
- Детското мозоче се развива до петта година и ние од најрана возраст ги изложуваме децата да јадат со таблет, да јадат со телефон, да имаат секакви активности со телефон и ние им предизвикуваме зависност. Многу е интелигентно да се фокусираме во раниот развоен период бидејќи ако ние ги направиме децата да бидат адиктивни, очекувано е дека адолесценцијата како најголема криза нема да биде плоден период за да воспоставиме правила и граници. Така што, правилата и границите се воспоставуваат во ран развој, во еден највонрабилен период кадешто 80% од мозочната архитектоника е веќе формирана, рече детскиот адолесцентен психијатар Камелија Симеонова.
Јавната расправа доаѓа на Иницијатива на околу 3.000 родители кои бараат забрана за користење на социјалните мрежи.
- Како родители сметаме дека е оправдано за носење на доброосмислен закон за забрана и користење на социјалните мрежи, со воведување на старосни ограничувања и тоа за лица под 13 години со целосна забрана за пристап до профили, лица од 13 до 15 години да користат само со родителска согласност, а лица од 16 години слободно самостојно да ги користат социјалните мрежи, рече Тања Мишевска од Родителски фронт.
Големите технолошки компании и нивните алгоритми се направени да стимулираат сѐ поголема и поголема активност и вклученост на корисниците. Затоа родителите сметаат дека државата не може да влијае на алгоритмите на големите платформи, но можат да го ограничат нивното користење.
- Не станува збор за право на избор во комуникацијата, туку станува збор за штетна појава. Како што забрануваме пушење и притоа правиме едукација за штетата од пушењето, така треба да го третираме овој проблем бидејќи станува збор за физиолошка зависност којашто допаминот ја создава и којашто се експлоатира, а која има низа други негативни последици, рече Марко Трошановски
Министерот Андоновски предложи целосна забрана за употреба на мобилните на наставата на целата територија на државата, со оглед на тоа што одредени училишта веќе имаат такви забрани, но и воведување на видео надзор за поголема безбедност. Но на тема забрана на социјални мрежи - тој е против.
- Забраната на цели апликации сметам дека треба да биде наша последна опција, рече Андоновски.
Појаснувајќи го својот став, Андоновски вели дека можностите на државата да влијае врз големите платформи со околу 2 милиони потенцијални корисници се многу мали. Но вели и дека државата не може да контролира сѐ.
Детенце на година - година и пол коешто јаде на сопственото столче не треба државата да му диктира на родителот дека не треба да му дава мобилен телефон да гледа некакви си содржини на некакви си платформи. Не го исклучуваме просторот дека ние можеме да влеземе во целосна забрана, но што правиме ако родителите тогаш дозволат? Ќе влегуваме во секој дом? Ќе гледаме во секој мобилен телефон, кој го користи мобилниот телефон во домот на родителите? Да не се претвориме во големото око што сѐ треба да гледа и сѐ треба да следи, рече Андоновски.
МЕТА и нејзините платформи Фејсбук и Инстаграм имаат воспоставено забрани за креирање профили од страна на деца помали од 13 години, но тоа во пракса ретко кога ова ги спречува децата ги користат овие мрежи бидејќи единствено нешто што е потребно е лажен датум на раѓање. Но кинеската ТикТок, која е и најпопуларна кај најмладите иако формално ја има истата забрана, лажирањето за возраста е уште полесно. Дополнително, нивните алгоритми се уште поагресивни во привлекувањето на вниманието кај младите.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
